| Семинар на тема: Заштита на личните податоци во телекомуникацискиот сектор |
|
|
|
| 14.12.2011 |
|
Во понеделникот, на 12 декември, во конгресната сала на хотелот Стоун Бриџ, се одржа семинар за заштита на личните податоци во телекомуникацискиот сектор, организиран од Дирекцијата за заштита на личните податоци на Република Македонија.
На почетокот, свои поздравни говори дадоа г-динот Карел Њувирт, тим лидер на проектот „Поддршка на Дирекцијата за заштита на личните податоци“, господинот Димитар Ѓеорѓевски, директор на оваа институција и господинот Дитер Тил од делегацијата на Европската Унија. Потоа следуваа анализи на домашната и на европската легислатива за заштита на личните податоци и особено новите измени на Директивата 95/46/ЕК. Со своја презентација се произнесе и господинот Дарко Јаневски кој ги претстави резултатите од неговата експертска анализа на телекомуникацискиот сектор во поглед на заштитата на личните податоци. Последните две предавања беа на претседателот на Берлинскиот орган за заштита на личните податоци и претседавач на Меѓународната работна група за заштита на личните податоци во телекомуникациите („Берлинска Група“), д-р Александар Дикс. Тој се осврна на предизвиците кои ги носат новите технологии во поглед на заштитата на личните податоци и потребите за прилагодување на регулативите кои произлегуваат од тоа. |